Милан Илиевски вчера поднесе оставка од клупата на Работнички. Денеска раководството на „романтичарите“ се очекува да му ја прифати, и клубот од Дебар Маало ќе добие нов предводник. Тренерската смена доаѓа по поразот од „фенерџијата“ Вардар 0-1, со гол од белата точка, по што Работнички се наоѓа во вториот, долен дел од табелата со 13 бодови од 11 натпревари, а тоа не е во согласност со целите и амбициите на новите сопственици, кои од почетокот на сезоната „влегоа“ во клубот, а од пред неколку дена и официјално го презедоа раководењето, откако беа продадени акциите на берза за 600.000 евра.
Раководството на Работнички е веќе во преговори со неколку тренери кои ќе треба да седнат на клупата на овој тим. Според информациите на ЕКИПА, еден од кандидатите е Зекирија Рамадани, поранешен тренер на Шкупи и неколку косовоски и албански клубови меѓу кои Фљамуртари, Трепча, Фероникели, Приштина, Енгатија, Гњилане, а беше и во Оход Клуб од Саудиска Арабија, каде што од 29 септември повеќе не е на клупата на овој тим. Рамадани во играчката кариера настапуваше за Работнички во 2007 година.
Официјално без тренер е екипата на Македонија ЃП. Горан Симов и клубот од Ѓорче Петров се разделија после вчерашниот пораз од Струга ТЛ 0-3 на домашен терен. Според информациите, таму најсериозен кандидат за негов наследник во моментов е Срѓан Захариевски. ЕКИПА дознва дека Захариевски, исто така, покрај Рамадани, е кандидат и за клупата на Работнички.
Захариевски е без ангажман од минатата сезона, кога беше на клупата на Струга ТЛ, но во миговите кога тимот беше првопласиран и „грабеше“ кон титулата, за потоа да дојде до негова неочекувана смена со Шпетим Дуро, кој потоа успеа да се закити со шампионскиот трофеј.
Во оваа 2023/24 сезона, досега тренери сменија три екипи: Вардар, Гостивар и Шкупи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА