Рамос му врати на Клоп: Загубил многу финалиња, сигурно му треба изговор…

Јирген Клоп во неколку наврати го критикуваше Серхио Рамос за случувањата за време на последното финале од ЛШ, кога капитенот на Реал Мадрид најпрвин го повреди Мохамед Салах, а на почетокот од вториот дел налета и на голманот Кариус, за кого подоцна се испостави дека имал потрес на мозокот. Германецот пред неколку дена истакна и дека „подобро да на победува, отколку тоа да го прави на начин како Рамосс“, па беше јасно дека шпанскиот дефанзивец нема да му остане должен.

А одговорот, во иста мера, дојде од Талин, во пресрет на Супер-купот на Европа што Рамос вечерва ќе го игра против Атлетико Мадрид.

„Ова не е прво финале што го загубил, му треба изговор и затоа толку време зборува за мене. Некои од нас предолго време се на највисоко ниво, освојувајќи трофеи со години наназад, не сум сигурен дека тој може да го каже истото за себе. Како и да е, јас го сметам за еден од најдобрите тренери, па и гласав за него во изборот за 2018 година“ – истакна Рамос.

Се вчитува...