Рамос: Нема да престанеме да победуваме само затоа што Роналдо си замина

Серхио Рамос лани во Скопје го крена пехарот од Супер-купот на Европа, а капитенот на Реал Мадрид утре во Талин ќе го брани трофејот, во пресметката со градскиот ривал Атлетико Мадрид.

„За нас секогаш е задоволство и привилегија да играме на Супер-купот на Европа, секогаш сакаме да го освоиме тој трофеј. Тоа ни е награда за пехарите во ЛШ, но ние сме Реал Мадрид и сакаме да освоиме што повеќе трофеи“ – истакна клучниот дефанзивец на актуелниот европски првак.

Најважно за Реал е да се најде начин да се надополни отсуството на Кристијано Роналдо по неговиот трансфер во Јувентус, но Рамос е убеден дека ќе биде пронајдено соодветни решение и за тој проблем.

„Заминувањето на Кристијано е важно, но секогаш велам дека ниту еден фудбалер не може да биде над клубот. Едно е сигурно, Реал Мадрид нема да престане да победува и да освојува трофеи само затоа што Роналдо си заминал. Му посакувам многу среќа, се надевам дека ќе му биде добро во Јувентус, но и на нас ќе ни оди добро во иднина“ – порача Серхио Рамос.

Се вчитува...