Рамос: Уште ништо не сме направиле, следи војна и во Мадрид

Реал Мадрид забележа огромна победа од 1-2 на „Алијанц арена“ во Минхен, но капитенот Серхио Рамос е свесен дека потешкиот дел од задачата на патот до финалето допрва претстои – на реваншот во Мадрид. „Кралевите“ лани во идентична ситуација загубија дома и мораа да играат продолженија, па Рамос е свесен дека тој и соиграчите не смеат да дозволат ништо слично наредниот вторник.

„Можеби луѓето очекуваат секогаш да победуваме со 0-3 како против Јувентус, но Баерн е феноменален тим, а ние успеавме да го совладаме среде Минхен. Дојдовме на прекрасен стадион, во фантастична атмосфера и стигнавме до победата, чувството е одлично. Од друга страна, треба да сме свесни дека уште ништо не сме направиле, бидејќи следи и војна во Мадрид која ќе го решава патникот во финалето“ – изјави Рамос.

Дефанзивецот имаше пофални зборови за Асенсио, кој третпат сезонава влегува во игра во ЛШ и постигнува значаен гол за Реал.

„Јасно е дека тој е голем играч, кога и да влезе во игра ни дава дополнителен квалитет. Тоа се потврди и вечерва“ – порача Серхио Рамос.

Се вчитува...