„Ранетиот“ Вардар брка победа за осминафинале во ЛШ

Вардар цела сезона е „ранет“ од несериозноста на управата и огромните долгови кон ракометарите, а „црвено-црните“ сега се соочуваат со нови проблеми, егзодусот на играчи кои го почнаа Криштопанс и Атман. Сепак, актуелниот европски првак ќе мора да покаже карактер на денешниот дуел на домашен терен против Мотор (17.30 часот) да стигне до триумф со кој би направил огромен чекор напред кон осминафиналето од Лигата на шампионите.

Тренерот Стевче Алушовски дојде во најтежок можен момент за клубот, но сега ќе мора да најде начин да ги мотивира ракометарите да го совладаат украинскиот состав.

„Имаме многу проблеми, не очекува тежок натпревар, знаеме каква ситуацијата со играчкиот кадар. Но, ракометарите се фокусирани, очекуваме да добиеме поддршка од навивачите и од инает да го победиме Мотор. Тие се квалитетен тим, но Вардар е европски шампион. И покрај заминувањата, мислам дека работевме добро изминатава седмица и се надеваме на триумф“, изјави Алушовски во пресрет на денешниот дуел.

Среќна околност за Вардар е што и тимот на Мотор исто така се соочува со сериозни проблеми. Во последните дваесетина дена дури четири првотимци си заминаа од Запорожје и се преселија во Спарак Москва. Жуков и Јанима први ги реализираа своите трансфери, а од денеска нови членови на Спартак се и голманот Киреев, како и левото крило Сорока.

Проблемите на противникот се добра можност Вардар конечно да ја прекине серијата слаби резултати во ЛШ и да обезбеди место меѓу најдобрите 16 екипи во Европа. И спротивно, непосакуван пораз ќе значи уште позабрзан пад кон амбисот, од каде враќањето ќе биде уште многу многу потешко.

Се вчитува...