Рашфорд му пресуди на ПСЖ, Барса пукна „петарда“ на стартот од ЛШ

Манчестер Јунајтед со огромна победа од 1-2 на гостински терен против ПСЖ ја почна сезоната во Лигата на Шампионите, освојувајќи го „Паркот на принцовите“ против финалистот од последната сезона од елитното европско натпреварување. Маркус Рашфорд беше човекот на одлука, постигнувајќи го погодокот за победа во самиот финиш од средбата, со прецизен удар од петнаесетина метри матирајќи го Кејлор Навас.

Претходно, Бруно Фернандеш од пенал го доведе Јунајтед од водство, домаќините израмнија со автоголот на Марсијал, а при резултат 1-1 и двата тима пропуштија свои шанси пред Рашфорд да го реши победникот.

Барселона убедливо славеше со 5-1 над Ференцварош, но мора да се истакне дека гостите при резултат 0-0 имаа поништен гол и го погодија дирекот од голот на каталонскиот гигант. Меси, Фати, Кутињо, Дембеле и Педри беа стрелци на головите за Барса, но црвен картон заработи Пике, кој ќе го пропушти дербито во следното коло, на гостински терен против Јувентус.

Лацио со извонредна игра го зеде скалпот на Борусија Дортмунд, славејќи заслужено со 3-1. Имобиле со ран погодок ја најави победата на римскиот клуб, Хиц даде автогол, а еднаш прецизно за Лацио стрелаше и Акпа, додека единствениот гол за гостите од Дортмунд беше дело на Халанд.

Челси и Севилја ремизираа 0-0 на „Стемфорд бриџ“, а без победник заврши и натпреварот меѓу Рен и Краснодар. Лајпциг рутински триумфираше на дуелот против Башакшехир со двата гола на Анџелињо уште во првото полувреме од оваа средба.

Се вчитува...