Рашфорд: Црнец сум и ужасно го изведов пеналот, за едното се извинувам, но за другото не!

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, беше на мета на расистички напади на социјалните мрежи, откако го промаши еден од клучните пенали во поразот на Англија во финалето на ЕП 2020 против Италија.

Тој влезе во последните секунди од продолженијата за да биде меѓу изведувачите на ударите од белата точка, но не се прослави бидејќи ја погоди само пречката и тоа од надворешна страна. Тој синоќа испрати соопштение до јавноста, во кое ја прифаќа вината, но не ги оправдува нападите врз себе, особено тие кои се врзани со бојата на неговата кожа.

„Чувствувам дека сите ги изневерив. Имав помала самодоверба кога тргнав да шутирам, се обидов да заштедам малку време со долгиот залет, но епилогот не беше посакуваниот. Размислувам за тоа, пеналите ги погодувам и на сон, но зошто сега не успеав? Сѐ што можам да кажам е дека се извинувам, би сакал да беше поинаку. Ги поздравувам соиграчите и им благодарам на поддршката. Нашето братство е нескршливо, ова е наша заедничка работа – мојот успех е твој успех“, напиша Рашфорд на социјалните мрежи.

Набрзо по финалето беше оштетен муралот на Рашфорд во родниот град Витингтон, но набрзо потоа дојде поддршка за фудбалерот од навивачите. Ваквото однесување го осуди и британскиот премиер Борис Џонсон.

„Секогаш можам да прифатам критика – дека мојот пенал беше лош, дека требаше да бидам попрецизен, но нема да се извинувам за тоа што сум и за тоа од каде потекнувам. Никогаш не сум се чувствувал погордо од моментите кога го носам дресот на англиската репрезентација и тоа кога моето семејство ме поддржуваше заедно со илјадници навивачи. Целиот живот ме критикуваат, дали е тоа поради бојата на кожата или во последен период како бирам да го поминувам времето кога не сум на терените. Јас сум Маркус Рашфорд, имам 23 години и сум од Витингтон и Витеншо, јужен Манчестер. Немам што друго да кажам освен тоа. Ви благодарам за убавите пораки со поддршка. Ќе се вратам посилен, ќе се вратиме посилни“, додаде Рашфорд.

 

 

 

 

Се вчитува...