Раскол во ПСЖ: Нејмар и Мбапе не му додаваат на Кавани

ПСЖ тргна фуриозно во француското првенство, „светците“ газат се пред себе на домашната сцена, но детална статистичка анализа на весникот „Л’Екип“ исфрли на површина сериозен проблем за тренерот Томас Тухел, тотално игнорирање на Единсон Кавани од страна на останатите двајца голгетери на тимот Нејмар и Мбапе.

Кавани лани влезе во конфликт со Нејмар околу изведување на пенали, страстите потоа се смирија, но Уругваецот сезонава има „нула соработка“ и со Килијан Мбапе.

Поточно кажано, „Л’Екип“ пресмета дека дури 25% од додавањата на Нејмар се упатени кон Мбапе, а до Кавани стигнале само 0,5% од „пасовите“ на Бразилецот кон неговите соиграчи. Од сто додавања кон своите соиграчи, Нејмар само пет упатува кон Кавани, премалку и максимално симптоматично ако се земе во предвид фактот дека двајцата се напаѓачи, а воедно и ако се спореди оваа бројка со онаа на Мбапе (25).

Огромна е разликата во проценти и кога станува збор за францускиот тинејџер, кој 31% од своите додавања ги адресира кон Нејмар, а само 5% кон Кавани.

Само за илустрација, на последниот дерби дуел со Лион, Кавани беше повлечен од игра во 40. минута по црвениот картон на Кимпембе, откако во речиси цело полувреме не доби ниту една единствена топка од своите колеги од нападот.

Додека тимот победува ова не е преголем проблем, но Тухел атакува на тронот во ЛШ, а до врвот на Европа не се стигнува со екипа во која играчите еден на друг си прават „сопки“.

Се вчитува...