Распоред Калчо-лига: Елмас тргнува од Парма, Пандев домаќин на Кротоне

Јувентус ќе ја стартува новата сезона од Калчо-лигата со домашен натпревар против Сампдорија, беше одлучено со денешната ждрепка со која беше утврден календарот за 2020/2021. Новата сезона ќе стартува на 20 септември и ќе заврши на 23 мај, а дерби на првото коло е дуелот меѓу Лацио и Аталанта.

Елиф Елмас со Наполи во првото коло ќе му гостува на тимот на Парма, додека Горан Пандев со Џенова ќе го пречека Кротоне. Нашиот репрезентативен напаѓач Илија Несторовски со Удинезе ќе го почне новиот шампионат со домашен натпревар против Специја.

Јувентус има исклучително тежок старт на сезоната бидејќи по мечот со Сампдорија ќе следи гостување на „Олимпико“ против Рома, а веќе во третата рунда ќе го пречека Наполи.

Првото мак-дерби во „Серија А“ ќе го проследиме веќе во второто коло на 27 септември, кога Елиф Елмас со Наполи ќе го пречека Горан Пандев со тимот на Џенова.

Големото дерби меѓу Јувентус и Интер, двата главни кандидати за скудетото, ќе се проследи дури во 18. коло, па големи се шансите титулата да се решава во дербито на „Џузепе Меца“ во претпоследното коло на 16 мај.

Се вчитува...