Македонските ракометари ќе го стартуваат походот по билет за ЕП 2022 со домашен натпревар против Финска, дуел што ќе се игра на 4 или на 5 ноември во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Веднаш по извлекувањето на групите од квалификациите беше објавен и целокупниот распоред на натпревари, кои многу рано би можел на „црвено-жолтите“ да им ги отвори вратите кон ЕП, но и да им создаде многу проблеми доколку селекторот Брестовац и неговите избраници не одговорат на предизвикот на стартните натпревари.
Победата на премиерниот меч против Финска е апсолутен императив, а „црвено-жолтите“ само три дена подоцна гостуваат во Швајцарија. Тоа е земја во која во последните две средби Македонија забележа две победи, во онаа втората и без помошта на повредениот капитен Лазаров, а на трибините во арената во Швајцарија (без разлика во кој град ќе се игра мечот) сигурно ќе има и огромен број македонски фанови, кои ќе им дадат безрезервна поддршка на „црвено-жолтите“.
Во месец март се средбите од третото и четвртото коло, кога Македонија ја очекува двомеч со фаворитот Данска. Потоа, петтото коло ќе го играме на гостински терен во Финска, а квалификациите ги завршуваме пред своите гледачи, со дуел во Скопје против Швајцарија.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
1 коло, 04/05.11.2020: Македонија – Финска
2 коло, 07/08.11.2020: Швајцарија – Македонија
3 коло, 10/11.03.2021: Македонија – Данска
4 коло, 13/14.03.2021: Данска – Македонија
5 коло, 28/29.04.2021: Финска – Македонија
6 коло, 02.06.2021: Македонија – Швајцарија
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА