Растур-систем: Ѓоковиќ го прегази Надал за седма круна во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ повторно е „крал на Мелбурн“, откако српскиот ас со денешниот триумф над Рафаел Надал стигна до својата седма титула на Австралија опен, уште повеќе зацврстувајќи се на првото место на АТП-листата. Пресметките на Ѓоковиќ и Надал секогаш изобилувале со неизвесност, па токму затоа изненадувачки е што Србинот денеска со толкава леснотија го скрши отпорот на големиот ривал, совладувајќи го со максимални 3-0 во сетови. Надал влезе во ова финале без ниту еден загубен сет, но денеска беше немоќен пред налетите на Ѓоковиќ, кој за само два часа и три минути игра ја заврши работата на патот кон трофејот.

Самиот почеток на мечот беше јасен предзнак како ќе се одвиваат работите во ова финале, Ѓоковиќ експресно поведе со 3-0, дозволувајќи му на Надал само еден поен во првите три гејма. Шпанецот ја врати сигурноста на свој сервис, но Ѓоковиќ беше речиси перфектен кога сервираше (Надал освои само еден поен на сервис на противникот во првиот сет), па Србинот лесно поведе со 1-0 (6-3).

Вториот сет беше израмнет само до 2-2, за потоа Надал да влезе во серија неизнудени грешки што Ѓоковиќ ги претвори во 6-2, за водство од 2-0 во сетови. Полн со самодоверба, првиот носител потоа направи брејк и на почетокот од третиот сет, трасирајќи си го патот кон трофејот. Најдобар податок за надмоќноста на Новак е фактот дека Надал во целиот меч имаше само една единствена брејк-шанса, при негатива од 2-3 во третиот сет, кога Ѓоковиќ одговори со три поени во низа, го доби својот сервис и потоа рутински го приведе мечот кон крајот и конечните 6-2, 6-3, 6-3.

Се вчитува...