Раул дебитира, Македонија брка важни бодови против Исланд

Нова пресметка со стариот познаник на добро познат терен ја очекува машката ракометна репрезентација на Македонија. Вечерва (20 ч.), Македонија во „Борис Трајковски“ го пречекува Исланд во третиот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска.

И двете репрезентации имаат по една победа и еден пораз во претходните два дуели и токму денешниот меч во Скопје и следниот на 7 мај во Рејкјавик, може да бидат решавачки во борбата за пласман на ЕП во Хрватска. Тоа е дополнителен предизвик за македонската репрезентација предводена од новиот селектор Раул Гонзалес, кој вечерва ќе дебитира на македонската клупа.

Македонската репрезентација има еден пораз во овој квалификациски циклус и сега пред нас е голем предизвик. Играме против Исланд кој има добар тим. Не смееме да го потцениме противник, не очекуваат два тешки натпревари со Исланд кои може да бидат и клучни за пласманот на ЕП во Хрватска“ – истакнува Раул Гонзалес.

Македонија и Исланд досега имаат одиграно 12 меѓусебни официјални натпревари во квалификациите или на завршните турнири на европските и на светските првенства. Во девет од овие средби победник бил Исланд, на две славеше Македонија, а последниот дуел на СП во Франција во јануари, заврши нерешено (27-27). И во едната и во другата репрезентација има значителни промени во однос на овој дуел, а ефектот од тоа треба да го видиме вечерва.

Исланд е сега посилен со враќањето на Арен Палмарсон кој го пропушти СП поради повреда. Во македонскиот состав пак се враќа стариот голмански тандем со Борко Ристовски и Никола Митревски. Македонија ги продолжува квалификациите со нов селектор и со нова концепција на играта, поразлична од онаа што ја форсираше претходниот селектор на првите два меча од овој циклус.

„Нормално, од ист тренер очекуваш позната игра, но сега не може да земеме ништо здраво за готово. Македонија има исклучително квалитетен тренер и ние сигурно треба да очекуваме нешто ново во играта во однос на СП во Франција. Тоа секако, сега ги прави многу потежок противник. Овие два натпревари се исклучително важни, а првиот меч на гостински терен ќе биде навистина тежок за нас“ – истакнува селекторот на Исланд, Геир Свеинсон.

Македонските ракометари вечерва ќе ја имаат поддршката од својата публика. Се очекува трибините во „Борис Трајковски“ да бидат исполнети до последното место, а во таква атмосфера македонската репрезентација ретко потфрлила.

Впрочем, токму во таква атмосфера во „Борис Трајковски“ и токму против Исланд, македонските ракометари пред девет години ја забележаа онаа најважна победа со која практично почна подемот на оваа генерација. Македонија тогаш го победи Исланд со 34-26 и таа победа ни донесе пласман на СП 2009 во Хрватска, што беше прво големо натпреварување за македонската репрезентација по десетгодишна пауза.

Сега повторно Македонија и Исланд се во решавачки дуел за нов, овој пат европски шампионат во Хрватска.

Покрај овие две селекции во нашата група се и Чешка и Украина. Во првиот меч од 3.коло, Украина вчера ја победи Чешка со 26-23 по што, условно најслабата репрезентација во групата, моментно е на водечката позиција со четири бода, два има Чешка, а по два бода имаат и Македонија и Исланд со натпревар помалку.

По одигрувањето на шесте кола, пласман на ЕП 2018 во Хрватска ќе обезбедат првите две селекции во групата.

Се вчитува...