Раул Гонзалес: Сите зборуваат за Грција, а ние имавме и многу добри натпревари, не е фер!

Машката ракометна репрезентација денеска ги одработува завршните тренинзи пред стартот на СП во Германија и Данска. Ракометарите утре заминуваат за Минхен, а во петок ќе го играат првиот натпревар против селекцијата на Јапонија.

Во подготовките пред Мундијалот, Македонија одигра два контролни натпревари со Србија, а селекторот Раул Гонзалес истакнува дека е задоволен од она што е одработено во овој период и дека репрезентација подготвена го очекува стартот на СП.

„Да, јас мислам дека тренираме добро. Одигравме добро на овие два натпревари, јас сум задоволен. Србија има добри играчи, добар тренер и мислам дека направивме добра работа. Но, треба да разликуваме, дека таму треба да играме официјални натпревари, и таму се ќе биде различно бидејќи таму има многу поголем притисок. Но, јас мислам дека сме подготвени“ – вели селекторот Раул Гонзалес.

Последните официјални настапи на македонската репрезентација пред СП, беа октомвриските квалификации за ЕП 2020 во кои слеаве победа против Турција, и имаа разочарувачки пораз со Грција. Но, СП е нов предизвик и како што вели Раул Гонзалес, не треба премногу да не оптоварува тој пораз од Грција.

Јас мислам дека сите зборуваат за Грција затоа што таму не одигравме добро. Но, ние одигравме и многу добри натпревари. Јас мислам дека не е фер. Ама во животот е така. Кога имаме победа, јас секогаш велам дека треба да заборавиме дека сме победиле, затоа што треба да се фокусираме на следниот натпревар. Игравме против Србија, победивме, но на СП против Јапонија ќе биде друга приказна. Има мотивација, има желба да играме и сакаме да имаме добар старт и мислам дека играчите се подготвени за тоа“ – истакнува селекторот на македонската репрезентација.

Се вчитува...