Раул Гонзалес: Со добра работа може до целта, и со репрезентацијата и со Вардар

Многу работа, соработка и добра комуникација со раководството на РФМ и со играчите и широк ростер во изборот на репрезентативците се основните работите што ги зацрта новиот селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија, Раул Гонзалес. Шпанскиот стратег кој во изминативе три години го предводи Вардар, денеска официјално беше назначен за нов селектор на макеоднската репрезентцаија, со тригодишен договор, до септември 2020 година.

Гонзалес на македонската клупа доаѓа на местото на Лино Червар со кого РФМ денеска и официјално ја раскина соработката, во незгоден временски период во кој Македонија за неполн месец ја очекуваат последните четири натпревари од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска. Но, Шпанецот истакна дека со добра работа може да се стигне до посакуваната цел.

„Благодарам за довербата што ми е укажана. Горд сум што ќе бидам селектор на Македонија. Ќе се вложам максимално во работата, како и секогаш.  Јас сум тренер што сака да работи со повеќе играчи, не само со 17-18 и таа практика ќе настојувам да ја применам и во работата со македонската репрезентација. Ќе разговарам со играчите, повеќето од нив ги познавам и мислам дека нема да биде тешко прилагодувањето, зборувам македонски, можам да комуницирам со играчите и тука сум во Скопје. И мислам дека со добра работа може да се реализират целите“ – истакна Раул Гонзалес во своето прво обраќање како селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија.

Новиот селектор најави дека деновие ќе биде познат и стручниот штаб со кој ќе работи во репрезентацијата, а по скенирањето на ситуацијата и разговорите со играчите и со луѓето што се во и околу репрезентацијата, ќе се се одлучи и за составот со кој македонската репрезентцаија ќе настапи напретстојните квалификациски натпревари.

Тоа ќе се реши во најскоро време. Ќе разговараме со директорот на репрезентацијата и ќе одлучиме кој ќе биде во стручниот штаб. Истото се однесува и околу составот, сакам да поразговарам со сите играчи. Би сакал репрезентацијата да игра како што игра Вардар, но различен е типот на играчи што настапуваат во Вардар и тие што се во репрезентацијата. Но, прво треба да разговраме и да се запознаам со целата ситуација. Јас смеатм дека можам да дадам добра работа за репрезентацијата“ – потенцираше Раул Гонзалес.

Едно од прашањата за новиот селектор на македонската репрезентација на првата прес конференција беше и дали во неговите планови со македонската репрезентација е и враќањето во националниот тим на голманот на Барселона, Борко Ристовски кој од неговиот претходни беше исклучен од репрезентацијата пред настапот на СП во Франција.

Сега не би можел да кажам ништо за Борко Ристовски затоа што не сум добро запознат со целата ситуација. Но, наброз ќе се реши и тоа. Ќе разговараме и ќе видиме што ќе биде најдобро за репрезентацијата“ – нагласи новиот македонски селектор.

Официјалнопто селекторско деби на клупата на македонската репрезентација за Раул Гонзалес ќе го има на 4 мај во Скопје, во првиот квалификациски натпревар против Исланд. На 7 мај, Македонија ќе го одигра реваншот со Исланд во гости, а во јуни се двата завршни натпревари од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска, со Чешка на домашен терен и со Украина во гости. Во меѓувреме, Раул Гонзалес го очекува и настапот со Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите и целта со македонскиот шампион прв пат да обезбеди пласман на Ф4 турнирот во Келн.

Се вчитува...