Раул Гонзалес: Стигнавме до Ф4, нашата мисија е да ја победиме Барселона

„Шпанскиот“ македонски Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн ќе игра против Барселона, вака шпанските медиуми го претставуваат македонскиот шампион во пресрет на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Македонскиот шампион со Раул Гозналес и Давид Дејвис на клупата и со четворица шпански репрезентативци во составот, против шпанскиот првак Барселона е интересна „приказна“ и за шпанска „Марка“.

„Имаме многу добра сезона зад себе со победи над врвни тимови во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Луѓето се возбудени“ – вели тренерот на Вардар за шпанскиот весник, пренесувајќи ја атмосферата што владее во Македонија пред историскиот прв настап на „црвено-црните“ на Ф4 во Келн, по трите неуспешни обиди во изминатите три сезони.

raul gonzales vardar tajmaut

Годинашниот Ф4 во Лигата на шампионите е специфичен по тоа што прв пат од воспоставувањето на овој формат на натпреварување во 2010, на завршниот турнир во Келн нема германски екипи. А, за тоа директно се погрижија токму Вардар и Барселона кои во четвртфиналната фаза беа поуспешни од германските противници, Вардар го елиминира Фленсбург, а Барселона го исфрли од игра Кил. Меѓу четирите учесници на Ф4 во Келн, се најбогатиот ракометен тим на денешницата – ПСЖ, најтрофејниот – Барселона, потоа Веспрем кој е финалист на последните два Ф4 турнири и Вардар како единствен дебитант во ова друштво. Но, според  Раул Гонзалес тоа не би требало да биде хендикеп за „црвено-црните“.

„Тоа се само статистички податоци. Имаме одредено искуство во овој фомат во завршницата на СЕХА лигата. Исто така Штербик, Канелјас и Дибиров имаат искуство од настапите во Келн. Но, ние имаме многу добри млади играчи кои имаат клучна улога во тимот, како Лука Циндриќ и Алекс Душебаев. Искуството и младоста е во идеална комбинација во нашиот тим“ – вели шпанскиот стратег на клупата на Вардар.

Раул исто така има искуство од „Ланксес Арена“ од трите претходни настапи на Ф4 како асистент на Талант Душебаев, два пати со Сиудад Реал и еднаш со Атлетико Мадрид.

„Постои голема тензија, а играчите понекогаш тој притисок го носат и на натпреварот. Тие мора да се приспособат на тоа, бидејќи инаку не може да исполнат ништо од тоа што е тренирано. Ние знаеме со кого се соочуваме. Барселона има одличен тим, многу добар тренер, искусни играчи и го има Гонзало во исклучителна форма на голот. Но, нас ни донесе успех нашиот систем на игра, во кој играчите се чувствуваат „удобно“ – истакнува Раул Гонзалес.

вардар барса

Вардар и Барселона се двата тима кои беа најуспешни во групната фаза од ЛШ и како првоплаисрани во своите групи обезбедија дирекетн пласман во четвртфиналето. Барселона важи за фаворит поради искуството, но теоретски силите се изедначени и секој со свои шанси влегуива во завршницата од ЛШ.

„Никогаш не се знае. Успеавме да стигнеме до најдобрите четири во Лигата на шампионите. Нашата мисија е да се победи првиот натпревар. За финалето сега се уште не размислуваме. Другите имаат поголемо искуство од нас, но ние сме подготвени да се наметнеме“ – истакнува тренерот на Вардар.

Се вчитува...