Раул и Дејвис загрижени: Црно му се пишува на ракометот по коронавирусот

Коронавирусот целосно ги откажа сите ракометни настани од средината на март, па се до крајот на летово, но последиците од оваа пандемија можат да бидат уште посериозни за спортот поради финансискиот импакт што клубовите ќе го почувствуваат. Загриженоста на оваа тема не ја кријат ниту поранешните „вардарци“ Раул Гонзалес и Давид Дејвис, кои се свесни дека ќе мора да дојде до промени во начинот на функционирање поради повлекувањето на дел од спонзорите, што ќе биде неизбежно во период по огромна криза.

„Ова во Франција владее стравпоради се што се случува. Тоа ќе биде сериозен удар за целиот спорт, професионалниот спорт каков што го знаеме би можел да исчезне. Една работа е јасна, прва работа што се случува во време на криза, компаниите ги повлекуваат спонзорствата. ПСЖ е стабилен клуб во моментов, но веќе никој не може да ви гаранира за долгорочната иднина на проектот бидејќи никој не знае како точно кризата ќе се одрази врз спортот“, вели Раул Гонзалес.

Дејвис е шеф на стручниот штаб на Веспрем, каде тој е ракометарите веќе се согласија на намалување на платите.

„Кризата ќе удри по сите и мораме да најдеме начин да преживееме. Без публика на трибините, многу клубови ќе имаат сериозен проблем  да преживеат. Спонзорите ќе ги намалат парите што ги даваат, платите исто така ќе одат надолу. Некои клубови целосно ќе исчезнат бидејќи ќе немаат пари да функционираат. Црно му се пишува на ракометот, но мора да се најде начин да се спаси овој спорт бидејќи сите клубови ќе ја стартуваат сезоната со дефицит во сезоната. Ова е спорт во кој никогаш немало премногу пари, а во една ваква ситуација никој не може да излезе како победник, сите сме губитници“, истакнува Дејвис, кој пред извесно време му беше асистент на Гонзалес во стручиот штаб на Вардар.

 

Се вчитува...