Раул и ПСЖ ја одбранија титулата во Франција

Поранешниот македонски селектор Раул Гонзалес освои уште еден трофеј во кариерата, откако со ПСЖ ја одбрани титулата во францускиот шампионат. Екс-тренерот на Вардар ја продолжи жетвата на пехари на француската ракометна сцена откако го доби денешното дерби против Нант со 35-32, на едно коло до крајот осигурувајќи ја титулата.

„Светците“ сезонава имаат променет состав во однос на лани, претрпеа и неколку неочекувани порази, но Раул и неговите избраници сепак не дозволија да дојде до изненадување кога станува збор за трката за титулата. ПСЖ одигра импресивно во нападот во првото полувреме, на одмор замина со водство од 19-16, а потоа во самата завршница го издржа притисокот. На помалку од две минути до крајот резултатот гласеше 33-32, но одбраната на чело со голманот Паличка го издржа притисокот, за ПСЖ на крајот заслужено да го добие овој натпревар со 35-32.

Ова е деветта титула во низа за „светците“ од Париз, вкупно десетта во клупската историја, што уште повеќе ќе ја подобри атмосферата во пресрет на фајналфор турнирот од Лигата на Шампионите во Келн. Таму, францускиот првак за ривал во полуфиналето ќе го има Киелце.

Се вчитува...