Раул: Најмногу од сите се плашам од Гонзало….

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски и Игор Паневски

Раул Гонзалес е еден од најзаслужните што Вардар се наоѓа на овој фајналфор турнир, откако Шпанецот без грешка ги водеше „црвено-црните“ во текот на целата сезона, искачувајќи ги до самата европска елита, рамо до рамо со Барселона, ПСЖ, Веспрем. Гонзалес беше избран и за најдобар тренер сезонава во ЛШ, скромно заслугите ги подели со своите ракометари, потенцирајќи дека мора да се остане максимално фокусиран за она што следи – двата меча во рок од 24 часа во „Ланксес арената“ во Келн.

„Заслужено сме овде во Келн. Ова ни е прв настап на фајналфор, но тоа не значи дека ќе застанеме. Против себе ја имаме Барселона, екипа што е многу силна, но доколку одиграме како што знаеме и умееме можеме да триумфираме и на овој натпревар. Се што треба е да останеме со ладни глави, да се фокусираме само на она што ќе се случува на теренот и да дадеме се од себе во текот на тие 60 минути“ – изјави Гонзалес во пресрет на денешното полуфинале.

Вардар и Барселона се сретнаа во групната фаза од ланската сезона, кога каталонците два пати триумфираа, најпрвин со 31-30 во Барселона, а потоа и во Скопје со 25-27. На тие две средби незапирлив за „црвено-црните“ беше Жалуз со вкупно 20 гола (12 во Барселона, осум во Скопје), но тунискиот ас не е играчот од кого Гонзалес стравува во пресрет на денешниот дуел.

Жалуз е одличен, но ако гледаме офанзивно, Барселона има премногу оружја така што ако го запреме него со поагресивна зона, ќе има повеќе простор за пивотите… Оној од кој најмногу стравувам воопшто не е Жалуз, туку Гонзало Перез де Варгас. Тој е најдобриот голман во ЛШ сезонава, видовме бројни натпревари во кои сам ги победуваше големите ривали и искрено се надевам дека ќе нема свој ден бидејќи ако тој е во ритам, значително ќе ни ја отежни работата“ – истакна тренерот на Вардар.

Се вчитува...