Првиот дел од подготовките за СП 2019 финишираше, а ракометарите од денеска па се до среда ќе добијат последен одмор во пресрет на мундијалските искушенија. Раул Гонзалес е задоволен од сработеното во овој дел од подготовките, потенцирајќи дека вистинската слика ќе биде видлива по контролните натпревари со Србија закажани за 4 и 5 јануари.
„Сите тренираат напорно, сакаат да се докажат и да си обезбедат место во составот за СП. Добро е кога се тренира, проблемите обично се јавуваат при натпреварите, тука стануваат очигледни одредени недостатоци на кои после се работи. Со доаѓањето на Талески сме комплетни, имаме доволно време целосно да се воиграме и максимално подготвени да го дочекаме шампионатот во Германија и во Данска“ – истакнува Гонзалес.
Македонскиот селектор е убеден дека за нашиот национален тим е подобро да игра што помалку контролни натпревари.
„Проблемот е во тоа немаме доволно широк ростер, затоа не можеме да си дозволиме да играме премногу контролни натпревари. Се сеќавате на последното ЕП во Хрватска, првите натпревари ги игравме во високо темпо, но како што се зголемуваше бројот на средби така се поголеми беа и проблемите со замор и ситни повреди на клучните играчи. Затоа не сакам да ги преморувам со многу натпревари уште во подготовките“ – објаснува Раул.
Составот дефинитивно е различен во однос на претходните големи натпреварувања, со вклучувањето на дел од помладите ракометари во националниот тим.
„Младите ракометари тренираат добро и дел од нив ќе патуваат во Германија. Мој став е дека врз нив не треба да се создава преголем притисок. Во составот имаме и доволно искусни ракометари така што ќе имаме кој да ја понесе одговорноста. Младите треба да уживаат и да се обидат без притисок да ја искористат шансата што ќе им се укаже“ – порачува македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА