Ривалите на Раул: Од петте селектори, четворица се шампиони од ОИ, СП или ЕП

Се приближува стартот на СП 2019 во ракомет што ќе се одржи во Данска и во Германија, а со тоа се интензивираат и анализите за противниците со кои нашата репрезентација ќе излезе на мегдан во Минхен. Математиките се јасни, за пласман во следната рунда што ќе се игра во Келн неопходни се три победи, за кои Раул Гонзалес ќе треба да надмудри тројца квалитетни исландски стратези, кои седат на клупите на Јапонија, Бахреин и на Исланд. А дека задачата на „ел команданте“ е многу тешка и сериозна доволен факт е податокот дека од петте селектори со кои тој ќе се пресмета во првата мундијалска фаза, четворица веќе имаат златни медали од големите натпреварувања.

„Црвено-жолтите“ премиерниот меч на СП 2019 ќе го играат на 11 јануари со почеток во 15.30 часот против Јапонија. А Раул против себе ќе има достоен ривал – Дагур Сигурдсон, кој пред неполни три години со Германија стана европски првак, за да си замине од европскиот ракомет и да се пресели на „далечниот Исток“. Овој исклучителен стратег го наследи Ортега на клупата на националниот тим, крајна цел е да се состави квалитетен тим за ОИ во Токио, но во моментов работите не одат како што посакува Сигурдсон. За тоа доволна потврда е прескромното шесто место на последниот Куп на Азија. Впрочем, Јапонија воопшто немаше да се пласира на овој Мундијал доколку не добиеше вајлд-карта од ИХФ.

По Сигурдсон, нашиот „ел команданте“ против себе ќе има уште еден исландски стратег – на 13 јануари Македонија ќе се сретне со Бахреин, на чија клупа седи Арон Кристјансон. Станува збор за стратег кој го има водено Исланд против Македонија на ЕП 2014 во Данска. Тој си замина од клупата на својата национална селекција во 2016 година, а на чело на Бахреин е од април 2018, наследувајќи го на ова место Гудмундур Гудмундсон.

Третото коло ќе донесе и добро познато тактичко надмудрување за нас, Раул Гонзалес против Лино Червар. Двајцата водеа бројни битки како тренери на Вардар и на Металург, а зимава ќе се сретнат и на едно големо репрезентативно натпреварување. Червар беше селектор на Македонија на СП во Франција, по што си замина за да седне на клупата на Хрватска, селекција со која претходно има титули на светски и олимписки првак.

Раул за ривал ќе има и еден свој сонародник – Жорди Рибера, кој минатиот јануари оствари одличен резултат со освоениот златен медал на ЕП во Хрватска. Рибера лесно и убедливо ја доби битката со Раул во Вараждин, па јасно е дека Шпанците ќе важат за големи фаворити и на дуелот закажан за 16 јануари.

Според првичните прогнози, клучен би требало да биде последниот дуел, што Македонија на 17 јануари ќе го игра против Исланд. Противникот на теренот ќе ги има Сигурдсон и Палмарсон, но значаен адут на Исланѓаните е и нивниот селектор Гудмундсон, кој дојде пред неполна година токму од клупата на Бахреин. Станува збор за стратег што во 2016 година со Данска стана олимписки првак, а кој максимално мотивирано ќе се обиде да постигне врвен резултат и со својата национална селекција.

Предизвикот воопшто не е мал, но ова е Светско Првенство и нема тотални аутсајдери, така што и Раул како и сите репрезентативци ќе мораат максимално сериозно да се подготват за секој натпревар за да ја продолжат традицијата, не само да се учесници на големите натпреварувања, туку и редовно да ја минуваат првата фаза од светските и европските шампионати.

Се вчитува...