Раул прозиваше: Со Вардар се беше супер, но сега фокусот е на репрезентацијата…

Раул Гонзалес по освојувањето на европската круна со Вардар се насочи кон ангажманот во македонскиот национален тим, откако шпанскиот стручњак денеска ја имаше првата прозивка пред клучните квалификациски натпревари против Украина и Чешка. Шпанецот на стартот од овие подготовки нема да може да смета на интернационалците од Барселона (Кире Лазаров, Борко Ристовски) и од Бундес-лигата (Талески, Манасков, Миркуловски), но Гонзалес со оптимизам гледа кон клучните две средби во овој квалификациски циклус, за пласман на ЕП 2018 во Хрватска.

Пред се да се заблагодарам за поддршката, со Вардар се беше супер, но сега фокусот мора целосно да се насочи кон репрезентацијата. Имаме неколку дена за подготовки, но не сме комплетни, до крајот на оваа седмица ќе бидеме без Кире, Борко и без уште неколку првотимци, ќе тренираме и со дел од помладите ракометари, ќе пробаме нешто ново во тактиката. Очекувам сите да бидеме максимално фокусирани, пред нас се два тешки натпревари. Би сакал да славиме веќе на првиот во Украина и на тој начин да направиме огромен чекор напред кон ЕП, мислам дека тоа ќе биде многу подобро за сите отколку да решава последниот натпревар со Чешка“ – истакнува македонскиот селектор.

Раул Гонзалес повторно ќе нема многу време за да ги пренесе своите тактички замисли врз ракометарите, исто како што тоа беше случај пред двомечот со Исланд, кога Шпанецот имаше само неколку дена за тренинзи со нашиот национален тим.

Јас сум човек што сака со време да се подготви за она што го очекува, па затоа оваа ситуација е чудна и несекојдневна. Повторно по комплетирањето ќе имаме само неколку дена за анализа и детална подготовка, но што е тука е, ќе се обидеме да го извлечеме максимумот, да одиграме најдобро што можеме и да ја оствариме целта – да одиме на Европското првенство во Хрватска“ – изјави Гонзалес.

Се вчитува...