Раул скромен како и секогаш: Моите играчи се најдобрите во светот

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Раул Гонзалес ја исполни својата мисија – дојде во Вардар и за неполни четири сезони го искачи македонскиот првак на врвот на Европа. И по најголемиот успех во својата кариера, Шпанецот остана скромен за најзаслужни за овој историски викенд посочувајќи ги своите ракометари.

Честитки до ПСЖ, на играчите и на тренерот за одличните игри сезонава. Секако дека сум горд на мојот тим, на овој огромен успех, моите играчи се најдобри во светот. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, на управата, на сите во Македонија за поддршката што ни ја даваа цело време. Не би сакал да говорам премногу за натпреварот, сите видовте што се случи. Му ја посветувам оваа победа на своето семејство и на својот најдобар пријател Хота Гонзалез“ – истакна Раул Гонзалес на прес-конференцијата по натпреварот.

Капитенот Стојанче Стоилов уште еднаш потврди дека карактерот на „црвено-црните“ беше главен фактор за овој историски успех на македонскиот ракомет.

Горд сум што сум капитен на овој тим. Цела сезона покажавме карактер и храброст, ова беше нашиот ден. Ние секојдневно повторувавме дека не дојдовме овде само да играме, туку и да победиме, на крајот го сторивме токму тоа“ – додаде македонскиот репрезентативец во таборот на „вардарци“.

Се вчитува...