По пауза од скоро седум месеци тениските фанови конечно ќе се израдуваат на старт на еден грен-слем. Најдолгиот период на чекање конечно заврши, бидејќи денеска почнува новото издание на УС опен.
Поради пандемијата од коронавирусот се навикнавме големите спортски собири годинава да ги гледаме во ново руво, а така ќе биде и со американскиот опен. Ништо нема да биде исто, освен возбудувањата. Поради отсуството на минатогодишниот шампион Рафаел Надал и Роџер Федерер кој поради повреда ја заврши сезонаата, Новак Ѓоковиќ е прв фаворит за освојување на трофејот. Тој во саботата славеше на Синсинати мастерсот и стана првиот тенисер во историјата кој успеал да ги освои сите турнири од 1000 серијата по два пати. Има неколку тенисери кои треба да го предизвикаат Србинот и да го спречат да стигне до 18. грен-слем титула. Минатогодишниот финалист Данил Медведев, Гркот Стефанос Циципас, Австриецот Доминик Тим, Александар Зверев од Германија, како и Канаѓанецот Милош Раониќ кој одигра одличен турнир во Синсинати.
Кај дамите пак повторно истото како во сите години. Се очекува неочекуваното. Серена која сепак не е во форма како во најдобрите денови се надева дека на домашниот грен-слем ќе стигне до 24. титула и ќе се израмни на врвот на вечната листа со легендарната Маргарет Корт. Тука се и Наоми Осака, Софија Кенин, Каролина Плишкова, како и Викторија Азаренка која на Синсинати покажа дека се враќа во формата со која беше прва на светот. Проблем за организаторот е големиот број на откажувања од тенисерките од самиот врв. На „Флешинг Мидоус“ годинава нема да настапат Ешли Барти, Симона Халеп, Елина Свитолина, Бјанка Андреску, Белинда Бенчиќ и Кики Бертенс.
Натпреварите почнуваат денеска, а во следните две седмици очекуваме историски натпревари и резултати кои ќе бидат прераскажувани децении во иднината.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА