Разумот пред инаетот: ПСЖ ќе го продава Мбапе, Реал Мадрид е на готовс

Килијан Мбапе ќе го напушти ПСЖ пред крајот на овој преоден рок откако и челниците на францускиот гигант се согласиле дека најдобро за сите ќе биде доколку извонредниот голгетер си замине сега, наместо следното лето да го стори тоа без никаква отштета за „светците“. Дирекотот Леонардо и претседателот Ал Келаифи се надевале дека ќе го променат ставот на Мбапе нудејќи му уште поголема плата. Сепак, понудата што ја испратиле во текот на викендот, за нов петгодишен договор, се вратила со негативен одговор само 24 часа подоцна, како јасен знак дека Мбапе нема намера да потпише нов договор со клубот.

Ал Келаифи во неколку наврати повторуваше дека нема никаква шанса да му дозволи на францускиот репрезентативец да си замине, но како што одминува времето, така и разумот станува позначаен фактор од инаетот кај првиот човек на ПСЖ. Веќе и на него му е јасно дека може да го чува сосила Мбапе, но потоа следното лето голгетерот ќе си замине од „Паркот на принцовите“. Од друга страна, ПСЖ би заработил најмалку 100 милиони евра од продажбата на овој фудбалер, пари што потоа францускиот гигант може да ги реинвестира во нов голгетер кој би играл крај Меси и Нејмар. Во ситуација кога и Роналдо е достапен за трансфер од Јувентус, интересно ќе биде да се види дали Ал Келаифи ќе успее да го обедини Кристијано и Меси на „Паркот на принцовите“.

Што се однесува до Мбапе, апсолутен фаворит во трката за негов трансфер е Реал Мадрид. Флорентино Перез е подготвен да чека една година за следниот јули да го доведе како слободен играч, но доколку ПСЖ се согласи на продажба, првиот човек на Реал е подготвен да плати 100 милиони евра за Мбапе уште летово да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...