Реакции по круната: Холивудски филм, Вардар е институција…

Тотално лудило владееше низ цела Македонија по ланската титула на Вардар, но исто така и во „Ланксес Арена“, каде тимот што замина како „предвреме отпишан“ за Келн еуфорично ја прославуваше европската круна, втора во клупската историја.

„Леле што направивме“, не можеше да поверува голманот Милосављев, кој беше донесен како „анонимус“, но експресно се промовираше како дел од елитата и си обезбеди транссфер во Бундес-лигата.

Игор Карачиќ се повреди на полуфиналето со Барселона, но стисна заби и настапи и на мечот за трофејот против Веспрем.

„Барселона беше голем фаворит, а ние дојдовме во Келн за да уживаме, да танцуваме на теренот. Уште не можам да објаснам што се случи во тоа второ полувреме, но најважно е што на крајот ние бевме тие што се радувавме. А финалето? Тоа ми беше најубав ден во животот. Не сакам да издвојувам никого, сите ракометари беа херои, напишавме сценарио за холивудски филм“ – истакна Карачиќ.

Тимур Дибиров го стави Вардар во редот на најголемите европски клубови, рамо до рамо со Кил и Барселона.

„Со години слушаме како Кил бил институција, како Барселона е ракометна институција. Сега и Вардар е дел од тоа друштво, кое може да се пофали со две титули во ЛШ во рок од три години. Ако сега не се најде некој да го спаси Вардар, најдобро ќе биде сите да ги закачиме патиките“ – изјави руското крило на „вардарци“.

Капитенот Стојанче Стоилов на прес-конференцијата го поправи водителот дека неговата земја се вика Република Македонија, а потоа „шмекерски“ најави дека тимот не е подготвен за дочекот во Скопје.

„Кам-бекот со Барса ни помогна на психички план. Ракометарите на Веспрем се плашеа од нас, но во второто полувреме се вратија и притискаа. Веспрем е одличен тим, одиграа фер натпревар и навистина ми е жал што загубија, но вака е поубаво. Дојдовме како аутсајдери исто како и првата година. Полесно е вака, бидејќи има притисок ако си фаворит. Не сме подготвени за дочекот во Скопје, не знам што се ќе се случува во Македонија“, изјави Стоилов.

Рожерио Мораеш со шест гола беше најефикасен во големото финале против Веспрем, тим во кој бразилскиот пивот ја продолжи кариерата.

„Не знам дали е ова за верување. Никој, дури и во Македонија, не веруваше во нас на почетокот од сезоната дека можеме да стигнеме до тука. Имавме многу промени во тимот, промена на тренерот, на ракометари, на многу сериозни проблеми за кои сите знаете и кои не следеа цела сезона и затоа нас ракометарите не обзеде некој инает дека може да успееме. Ова е најслаткото освојување на трофејот. Сега секој нека се радува во Македонија“ – истакна Мораеш.

 Даинис Криштопанс стигна до својата прва европска круна во кариерата, потенцирајќи ги тимскиот дух и тренерот Парондо како главни фактори за големиот успех.

„Ова е бајка… Неверојатно е. Верувавме во нас уште од четвртфиналето со Пик Сегед. Играме со срце, играме како фамилија, како другари. Ова меѓу нас е многу повеќе од ракомет и обично спортско надигрување. Секоја чест на Парондо, одлично не подготви, но и тој самиот ни кажа играјте со срце тоа е најважно“ – порача летонскиот џин по фантастичниот успех во „Ланксес Арена“.

Се вчитува...