Европските гиганти тргнаа во „војна“ против англискиот првак Манчестер сити. По објавувањето на информациите во германскиот медиум „Der Spiegel“ произлезени од „Football Leaks“, дека Манчестер сити го заобиколувал Финансискиот фер-плеј со спонзорства по други основи од други компании, исто така во сопственост на „Абу Даби Груп“, концернот на шеикот Мансур, отворено се спротивставија Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, кои бараат „граѓаните“ да бидат дисквалификувани од Лигата на шампионите.
Во пресрет на денешното градско дерби против Манчестер јунајтед во Премиер – лигата, ова секако е дополнителен товар за Пеп Гвардиола и за неговите фудбалери.
„Ќе се отвори случај на оваа тема. Ги имаме сите документи објавени од „Football Leaks“ и ќе бараме Манчестер сити да биде соодветно казнет, со парична казна, со забрана за трансфери, но и со исфрлање на тимот од Лигата на шампионите. Само така УЕФА ќе го заштити и ќе го почитува својот интегритет максимално почитувајќи ги поставените услови за Финансискиот фер-плеј. По ваквите тврдења, едноставно не може престапниците да поминат без ригорозни казни“, изјавил за англиските медиуми извор од европскиот првак Реал Мадрид.
Во овој случај, „кралскиот клуб“ за сојузници ги има и Барселона и Јувентус, кои исто така се меѓу главните претенденти за освојување на трофејот во Лигата на шампионите оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА