Реал добива сериозна конкуренција: „Донесете ми го Мбапе, парите не се проблем“

Трката по Килијан Мбапе стана уште поинтересна откако Манчестер Сити реши да се вклучи во обидите за ангажман на извонредниот голгетер. ПСЖ сака да го задржи големиот ас, кој има само уште десет месеци од актуелниот договор, додека Реал Мадрид досега важеше за фаворит за негов потпис, иако „кралевите“ не успеаја да го доведат Мбапе во текот на летниот преоден рок.

„Граѓаните“ од Манчестер летово не успеаја да доведат врвен голгетер по пропаднатите преговори за Хари Кејн, а првиот човек на клубот, Шеикот Мансур, е решен следното лето да доведе суперзасилување за овој дел од тимот. Изборот е паднат токму на Мбапе, а фактот дека тој ќе биде слободен на крајот од сезонава го прави Французинот уште попривлечен. Парите не се проблем, па се шпекулира дека Сити ќе му плати на Мбапе 100 милиони фунти за самиот потпис на договорот, плус ќе го направи најплатен фудбалер во Премиер-лигата со заработувачка од 500.000 фунти неделно.

„Донесете го Мбапе, парите не се проблем“, гласела пораката на првиот човек на Манчестер Сити до клупските директори, кои веќе во текот на следниот месец ќе ја подготват понудата за Французинот.

Мбапе ќе стане слободен играч на 1 јули 2022 година, што значи дека тој од 1 јануари ќе може да преговара и да потпише преддоговор со новиот клуб. До неодамна делуваше речиси сигурн дека тоа ќе биде Реал Мадрид, но кога прсти ќе вмешаат арапските газди на Манчестер Сити, јасно е дека Флорентино Перез сега добива сериозна конкуренција.

Се вчитува...