Реал има пеколен план: Мбапе, Халанд и Погба заедно на „Сантијаго Бернабеу“

Реал Мадрид не успеа во желбата да го доведе Килијан Мбапе на „Сантијаго Бернабеу“ во овој преоден рок, но Флорентино Перез не очајува премногу. Првиот човек на Реал го смета за завршено доаѓањето на Мбапе како слободен играч во јули 2022, но асот на ПСЖ нема да биде единствената „суперѕвезда“ што следното лето ќе пристигне на „Сантијаго Бернабеу“. Според мадридскиот весник „Марка“, Флорентино има пеколен план – заедно со него да ги ангажира и Пол Погба и Ерлинг Халанд.

Погба идентично како и Мбапе ќе стане слободен играч на 1 јули, а веќе од 1 јануари 2022 година ќе може да потпише преддоговор со новиот клуб. Во Реал се убедени дека ќе успеат да ја добијат оваа трка, откако во неколку наврати не успеаја да се договорат со Реал за да го доведат Французинот од Манчестер Јунајтед, трансфер што беше голема желба на екс-тренерот Зинедин Зидан. Погба веќе стави до знаење дека нема да потпише нов договор со Јунајтед, за неговите услуги се интересираат и Јувентус и ПСЖ, но „кралевите“ се оптимисти дека заедно со Мбапе ќе го донесат и овој фудбалер за врска.

Халанд има подолг договор со Борусија Дортмунд, но во него има клаузула дека во летото 2022 година ќе може да си замине за 75 милиони евра. За Норвежанецот се интересираат сите англиски гиганти, плус ПСЖ, Јувентус, Барселона и Баерн Минхен, но Флорентино е решен да го доведе и овој голем ас за да формира супер-тандем во нападот заедно со Мбапе.

Планот е амбициозен, но Флорентино Перез важи за човек за кого не постои „невозможна мисија“ на фудбалскиот пазар.

Се вчитува...