Реал ја спушти клаузулата на Роналдо – се е подготвено за мега-трансфер

Кристијано Роналдо е чекор поблиску до заминување од Реал Мадрид откако беше обелоденето дека „кралскиот клуб“ во меѓувреме ја намалил и клаузулата за негов трансфер од „Сантијаго Бернабеу“, која изнесуваше една милијарда евра. Како што објавија португалските медиуми, Кристијано сега е достапен за трансфер за сума од „само“ 120 милиони евра, но постои и клаузула дека оваа отштета не важи единствено за лутиот ривал Барселона како и за челниците на ПСЖ, кои минатото лето токму со откуп на клаузулата го доведоа Нејмар од Барса.

Роналдо веднаш по завршувањето на финалето од ЛШ објави дека не е среќен и дека најверојатно ќе си замине од Мадрид. Навивачите на шампионската парада бараа тој да остане, засега ситуацијата е во мирување поради неговиот настап на СП 2018, но се очекува сапуницата да продолжи во текот на наредниот месец.

Извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој е несреќен поради неисполнетите ветувања на управата кон него и нема никакви шанси да се премисли. Тоа го знае и Флорентино Перез, кој токму затоа и ја спуштил клаузулата, свесен дека е дојдено времето за разделба од португалската мегаѕвезда.

Премирлигашите Манчестер јунајтед и Челси се подготвени да му дадат плата од 40 милиони евра, колку што Роналдо бара, а не добива од Реал, истата сума не е проблем ниту за ПСЖ, но „светците“ ќе имаат посериозни проблеми да се договорат за отштетата со „кралевите“ бидејќи клаузулата во овој случај не важи за нив.

Како и да е, се чини дека Роналдо го одигра својот последен меч за најтрофејниот европски клуб, а останува само дилемата каде тој ќе ја продолжи својата кариера.

Се вчитува...