Реал ќе ја брани европската круна, Олимпијакос без одговор за „кралската фурија“

Реал Мадрид е вториот финалист на фајналфор турнирот од Евролигата откако „кралевите“ во вечерашното полуфинале го совладаа Олимпијакос со резултат 87-76, обезбедувајќи си одбран на ланската круна во неделната финална пресметка со Панатинаикос. Триумфот е апсолутно заслужен, „кралевите“ во текот на целиот меч имаа контрола над резултатот, а противникот од Грција и покрај надежите за одмазда за несреќниот пораз во ланското финале вечерва немаше сили да го земе скалпот на шпанскиот гигант.

Марио Хезоња беше кошаркарот што го најави беспрекорното офанзивно издание на Реал во првото полувреме, откако Хрватот погоди три тројки во првите четири минути од полуфиналето. Реал одигра прва четвртина за паметење што ја доби со 28-10, а Олимпијакос само за момент намали на 28-13, по што следеше нова серија на актуелниот европски шампион. „Кралевите“ имаа и најубедливи „плус 25“, пред Грците да намалат на 56-37 пред крајот на полувремето со тројката на Мекисик.

Олимпијакос не се предаде, па предводен од извонредниот Питерс (14 поени во третата четвртина) грчкиот тим успеа да се спушти и на едноцифрена разлика. Реал за момент ја загуби сигурноста во нападот, но Олимпијакос не знаеше како да го искористи тоа, „црвено-белите“ направија неколку грешки во клучните моменти кон средината на последната четвртина, губејќи ги сите шанси за камбек. Искусниот тим на Реал Мадрид знаеше како да го казни тоа, стигнувајќи на крајот до заслужена двоцифрена победа, изразена со конечните 87-76.

Џанан Муса ги предводеше стрелците на Реал Мадрид со 20 поени, 12 постигна Хезоња, а на Олимпијакос не му помогнаа ниту одличните партии на Питерс со 23 и Мекисик со 17 поени.

Се вчитува...