Реал Мадрид потона во Белград – голем триумф на Црвена Звезда

Кошаркарите на Црвена Звезда експресно се рехабилитираа од убедливиот пораз од Реал Мадрид во АБА-лигата, славејќи со 65-62 над големиот Реал Мадрид. „Црвено-белите“ одиграа извонреден меч, земајќи го скалпот на големиот фаворит и останувајќи во игра за пласман во нокаут фазата од Евролигата.

Избраниците на Радоњиќ умешно го приведоа мечот на мал број на поени, со цврста одбрана контролирајќи го резултатот. Добрата игра од транзиција им донесе водство од 35-28 по првото полувреме, а „црвено-белите“ потоа знаеја како да ја задржат предноста и во останатите 20 минути. Се чинеше дека победата е осигурата кога Црвена Звезда стигна до седум поени предност на една минута до крајот, но Љуљ со две тројки ја врати неизвесноста. Ивановиќ ги реализираше двете слободни фрлања, по што Љуљ се обиде да изнуди лична грешка за три слободни фрлања, не успеа во својата намера, што значеше и заслужен триумф на шампионот на АБА-лигата.

Давидовац и Ивановиќ со по 13 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека најдобар стрелец на Реал Мадрид беше Љуљ со 20 постигнати поени.

Денешниот пораз уште повеќе ја продлабочи резултатската криза на „кралевите“, по што се погласно се најавува дека Пабло Ласо би можел да добие отказ од тренерската функција.

Се вчитува...