Реал Мадрид со конечна понуда за Винисиус: Ако не прифати, следува продажба

Реал Мадрид донесе конечна одлука во врска со иднината на Винисиус Жуниор и нема повеќе да ги одолговлекува преговорите за продолжување на неговиот договор.

Според шпанскиот весник „Марка“, раководството на „кралскиот клуб“ го известило таборот на бразилскиот репрезентативец дека последната понуда за нов договор е воедно и конечна. Од клубот јасно ставиле до знаење дека нема да има дополнителни подобрувања на финансиските услови ниту нови рунди преговори.

Реал Мадрид не сака да ја наруши воспоставената структура на плати во соблекувалната само за да ги исполни барањата на Винисиус, па очекува играчот да донесе конечна одлука во најскоро време.

Доколку бразилското крило ја одбие понудата, „Марка“ тврди дека Реал ќе биде подготвен да ја разгледа можноста за негова продажба уште во текот на летниот преоден рок, наместо да ризикува да влезе во последните месеци од неговиот договор.

Актуелниот договор на Винисиус Жуниор со Реал Мадрид е со важност до летото 2027 година, што значи дека клубот би можел да ја искористи оваа година за да заработи значителна сума од евентуален трансфер доколку не биде постигнат договор за продолжување на соработката.

Се вчитува...