Реал мора да купува: Три опции за нов „кралски“ голгетер

Еден пораз беше доволен за целосно да се промени расположението во таборот на Реал Мадрид. Супер-купот на Европа е загубен, но многу повеќе загрижува немоќта во играта, што придонесе да се „запали алармот“ и веднаш да се побараат нови фудбалери веќе во овој преоден рок.

Флорентино Перез лани успеа да „куртули“, не донесе адекватни замени за Хамес, Мората и Пепе, но сепак Зинедин Зидан му донесе нова европска круна. Сега веќе го нема Зидан, а го нема ниту Роналдо, па навивачите на „кралевите“ се загрижени дека уште едно пасивно лето кога станува збор за „шопингот“ може скапо да го чини нивниот тим. Најпроблематичен е нападот, каде Роналдо го покриваше малиот број на голови што вообичаено ги постигнува Бензема, но сега без Португалецот проблемот е многу поочигледен.

Лопетеги веќе побарал нова „деветка“, Флорентино тактизирал, но сега веќе и на првиот човек на клубот сигурно му е јасно дека со овој тим Реал нема шанси да се носи ниту со Барса, ниту со Атлетико, уште потешко ќе биде да се одбрани и титулата во ЛШ.

Според весникот „Ас“, во игра се тројца напаѓачи кои би можеле да стигнат во Мадрид до крајот на месецов, и тоа Родриго од Валенсија, Тимо Вернер од Лајпциг и Мауро Икарди од Интер.

Родриго е најдостапен бидејќи Валенсија ги купи Батшуаи и Гамеиро за нови напаѓачи, но „лилјаците“ ќе бараат најмалку 100 милиони евра за шпанскиот репрезентативец. На слична сума е проценет и Икарди, но проблем се нарушените односи меѓу Интер и Реал по преговорите за Лука Модриќ. Тимо Вернер поседува потенцијал, но Лајпциг е финансиски моќен тим со кого тешко се преговара, па останува да се види дали Флорентино ќе успее да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...