Реал не е она што беше – Аспас на чекор до „Сантијаго Бернабеу“

Навивачите на Реал Мадрид со право се загрижени поради изгледот на тимот на „кралевите“ во наредната сезона, уште повеќе ако се земат во предвид најавите на Флорентино Перез дека нема да троши богатство на играч во финишот од овој преоден рок. Перез би можел да се премисли доколку Нејмар или Мбапе станат слободни, но едно е сигурно – првиот човек на Реал нема да ја исполни желбата на тренерот Лопетеги и да плати 120 милиони евра за Родриго од Валенсија.

Тој има „план Б“ што воопшто не им се допаѓа на приврзаниците на „кралскиот клуб“ – како засилување за нападот да биде доведен Јаго Аспас од Селта. Станува збор за квалитетен напаѓач што игра одлично за Селта, но општ впечаток е дека сепак е предалеку од нивото што го бара гигант како Реал Мадрид. Сепак, Аспас е достапен за околу 30 милиони евра и одлично се вклопува во идејата на Флорентино да не се потрошат премногу пари. Тој би бил резервна варијанта за Карим Бензема, а по потреба би можел и да биде стартер по една од крилните офанзивни позиции во тимот.

Аспас во 2013 година замина во Ливерпул, но воопшто не успеа да се снајде во таборот на овој премиерлигаш, па две години подоцна се врати назад во Шпанија. Во меѓувреме тој ја крена формата во настапите за Селта, беше повикан од страна на Лопетеги во тимот на Шпанија за СП 2018, но сериозни се сомнежите дали овој 30-годишен фудбалер би можел да помогне да се крене нивото на игра на актуелниот европски првак.

Се вчитува...