Реал не може да најде купец за Хамес Родригез

Реал Мадрид ангажираше неколку млади шпански фудбалери на почетокот од преодниот рок, но Флорентино Перез се соочува со сериозен проблем кога станува збор за Хамес Родригез. Имено, Колумбиецот сака да си замине, Реал планира да го продаде, но проблем претставува наоѓањето на купец за овој одличен фудбалер.

Последните информации велат дека Хамес не сака да замине со остатокот од тимот на турнејата низ САД, поради што Перез се брза да најде купец за колумбискиот интернационалец. Проблем претставува превисоката отштета од 70 милиони евра што првиот човек на Реал ја бара, а клубовите не сакаат да ја платат. Манчестер јунајтед и Ливерпул го одбиле Реал откако Хамес им бил понуден, а Арсен Венгер се уште тактизира, чекајќи ја разврската со Алексис Санчез. Во секој случај, прва опција на Венгер е Лемар од Монако, така што шансите за трансфер на Хамес Родригез во Арсенал се минимални.

Од клубовите ширум Европа сериозен интерес покажува само Интер, но самиот фудбалер не сака да се пресели на „Џузепе Меаца“ поради очајните резултати на „нероаѕурите“ во последните неколку сезони, како и фактот дека овој тим нема да се натпреварува во европските купови.

Флорентино Перез сигурно ќе ја продолжи потрагата по нов клуб за колумбискиот фудбалер, но речиси сигурно е дека Реал ќе треба да ја намали сумата доколку сака да најде купец за Хамес.

Се вчитува...