Реал не попушта, бара 90 милиони евра за Мората

Алваро Мората се наоѓаше на чекор до трансфер во Манчестер јунајтед, но Жозе Мурињо во последен момент се премисли и реши наместо шпанскиот ас да го ангажира Ромелу Лукаку од Евертон. Шпанецот е разочаран од развојот на настаните, но последните информации велат дека вината не е кај Манчестер јунајтед, туку кај „кралскиот клуб“ и тврдоглавоста при преговорите од страна на Флорентино Перез.

Имено, првиот човек на Реал од самиот почеток на разговорите инсистирал на отштета од 90 милиони евра, што останало главна пречка во разговорите меѓу двата тима. Највисоката понуда на Јунајтед изнесувала 70 милиони евра, но Перез останал доследен – барајќи 90 милиони, единствениот „попуст“ допуштајќи го со уплата на 80 милиони евра, а дополнителните десет да бидат структуирани преку неколку клаузули. Мурињо на крајот пресекол и го избрал Лукаку, па останува да се види што ќе се случува со Мората, кој инсистира на заминување, но ниту еден од заинтересираните клубови не е подготвен да ја плати сумата што ја бара Флорентино Перез.

Само за потсетување, Перез минатото лето го врати Мората назад на „Сантијаго Бернабеу“ од Јувентус за сума од 30 милиони евра.

Се вчитува...