Реал не ризикува, Иско има клаузула од 700 милиони евра

Повеќе од јасно е дека мегатрансферот на Нејмар ќе придонесе да дојде до енормен раст во цените на врвните фудбалери на европскиот пазар, но Реал Мадрид прави се за неговите играчи да останат „недостапни“ за најбогатите клубови во светот. Така, во новиот договор на Иско, што ќе биде официјализиран во следните денови, има клаузула со која шпанскиот репрезентативец е достапен за трансфер само за неверојатни 700 милиони евра.

Плејмејкерот се истакна со одлични игри во вториот дел од ланската сезона, кога се избори и за статус на стандарден првотимец. Тој одигра фантастично и на Суперкупот на Европа во Скопје, каде беше избран и за МВП, по што најави дека сите детали од новиот договор се средени и истиот официјално ќе биде потпишан во најскоро време.

Весникот „Ас“ потврдува дека Иско ќе остане уште пет години на „Сантијаго Бернабеу“, но и дека овој фудбалер ќе има клаузула што дефинитивно е недостижна дури и за најбогатите газди на ПСЖ и на Манчестер сити. На тој начин, „кралскиот клуб“ ги осигура своите клучни фудбалери со клаузули од најмалку 500 милиони евра, па јасно е дека Флорентино Перез нема намера да дозволи најдобрите фудбалери на Реал да станат достапни за трансфер во некој друг европски гигант.

Се вчитува...