Реал не запира, Варан „врзан“ до 2022 година

Реал Мадрид продолжува со „врзување“ на своите фудбалери потпишувајќи нови договори со стандардните првотимци. На ред дојде и Рафаел Варан, за кого денеска е обелоденето дека ќе го продолжи договорот до 2022 година, а прес-конференцијата со официјалните изјави ќе се одржи во текот на утрешниот ден.

Французинот дојде во Мадрид во 2011, на само 18-годишна возраст и како што одминуваше времето, така се повеќе се наметнуваше кај тренерите на „кралевите“. Во последните две години постоеше сериозен интерес од англиски премиерлигаши за неговите услуги, но Реал не само што го задржа, туку и го продолжи актуелниот договор (истекува во 2020 година) за дополнителни две сезони.

Варан е шестиот фудбалер на Реал што потпишува нов договор овој месец, откако претходно тоа го сторија Марсело, Иско, Бензема, Карвахал и Љоренте.

Ако на ова се додаде дека Роналдо и Васкез имаат договори до 2021 година, исто како и Бејл, Крос и Кашемиро, додека Модриќ и Рамос се „врзани“ до 2020 година, јасно е дека „кралевите“ поседуваат моќна база за периодот што следи, но Флорентино Перез сигурно ќе се обиде да ја „освежи“ со уште некој фудбалер од највисока светска класа.

Се вчитува...