Реал нема шанси – Нејмар сака само во Барса

Реал Мадрид се вклучи во трката по Нејмар откако стана јасно дека Бразилецот ќе биде достапен за трансфер од ПСЖ, но „кралевите“ немаат никакви шанси да стигнат до неговиот потпис бидејќи Нејмар веќе им ставил до знаење на челниците на францускиот првак – негова единствена опција е враќање во Барселона. Тој се почесто гласно признава дека направил голема грешка со заминувањето од „Камп ноу“, во меѓувреме остана во одличен однос со Меси, Суарез и останатите асови на Барселона, па Нејмар сега прави се што е во негова моќ за да издејствува камбек во каталонскиот гигант.

Јасно е дека ПСЖ нема намера лесно да се откаже од него и ќе инсистира на богата отштета, која ќе изнесува најмалку 222 милиони евра, сумата што „светците“ пред две години ја платија за да го доведат Нејмар на „Паркот на принцовите“. Барселона е подготвена да плати 100 милиони евра, но и да испрати некој од своите фудбалери во Париз. Умтити, Ракитиќ и Дембеле беа споменувани како опција, но со последниот развој на настаните лесно може да се случи Кутињо да биде фудбалерот што ќе се пресели во ПСЖ во размена за Нејмар, со доплата од 100 милиони евра.

Бразилските медиуми тврдат дека Нејмар дури и се заканил со штрајк доколку не му биде исполнета желбата, но остануваат дилемите дали тоа е вистински начин за комуникација со катарските газди, кои се доволно моќни доколку ги фати инает да ги прекинат сите преговори и да му го загорчат животот на Бразилецот, изолирајќи го целосно од тимот, како што тоа го сторија повеќе од шест месеци со Рабио.

Се вчитува...