Реал потврди: Роналдо, фала ти за се и среќно во Јувентус

Кристијано Роналдо од денеска е нов член на Јувентус откако и Реал Мадрид обелодени дека е комплетиран трансферот на португалскиот ас во редовите на најтрофејниот италијански клуб. „Кралевите“ преку клупско соопштение обелоденија дека поради желбата на Роналдо за заминување ја прифатиле понудата на Јуве, заблагодарувајќи му се јавно на Кристијано за придонесот во голмите успеси на Реал во изминатите девет години.

„Реал Мадрид известува дека согласно волјата и барањето на фудбалерот Кристијано Роналдо, тој се сели во редовите на Јувентус.

Денеска, Реал Мадрид сака да ја искаже благодарноста до фудбалерот кој се докажа како најдобар во светот и кој ја одбележа една од најсветлите ери во историјата на нашиот клуб и на светскиот фудбал.

Покрај освоените титула и трофеи, сите забележани победи на спортските терени во овие девет години, Кристијано Роналдо исто така беше пример за посветеност, работа, одговорност, талент и постојано подобрување на сопствените квалитети.

Тој стана најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид со 451 гол на 438 натпревари, освои 16 трофеи од кои четири во Лигата на шампионите. На индивидуален план, тој освои четири „Златни топки“, три „Златни копачки“, како и две награди „The Best”, меѓу многуте признанија.

За Реал Мадрид, Кристијано Роналдо секогаш ќе биде еден од големите симболи и единствен пример за идните генерации“ – се вели во соопштението на актуелниот европски првак.

Се вчитува...