Реал се искачи на врвот на Ла Лига, но скапо ја плати победата

Реал Мадрид е нов лидер на табелата во Ла Лига откако „кралскиот клуб“ излезе како победник на гостувањето во Сан Себастијан против Реал Сосиедад (1-2). Реал се израмни по бројот на бодови со Барселона, но е прв на табелата поради подобриот скор во меѓусебните дуели, како најава за суперинтересна трка за титулата во елитното шпанско фудбалско друштво. Голем проблем за Зидан ќе претставува повредата што ја заработи Серхио Рамос, кој поради болка во коленото побара да биде заменет, па речиси сигурно капитенот на „кралевите“ ќе пропушти неколку средби од завршницата на сезонава.

Првото полувреме не донесе преголеми возбудувања, но затоа супер-интересни беа вторите 45 минути. Реал прв дојде во водство со голот од пенал на Серхио Рамос, по стартот на Винисиус во шеснаесетникот на домашниот тим. Капитенот на „кралевите“ со овој погодок го надмина Роналд Куман како најефикасен дефанзивец во историјата на Ла Лига (68 гола), но за жал неколку минути подоцна поради повреда на коленото мораше да го напушти теренот.

Мечевите на Реал редовно се контроверзни, исклучок не беше ниту овој во Сан Себастијан откако Реал Сосиедад постигна гол за израмнување преку Јанузај, но истиот беше поништен со ВАР поради офсајд на еден домашен фудбалер. Неколку минути подоцна, „кралевите“ поведоа со 0-2 преку Бензема, ВАР ја прегледуваше и оваа ситуација, но овојпат судиите проценија дека Французинот не играл со рака, туку со рамо и го признаа голот за гостите од Мадрид.

Се што успеа домашниот тим да стори до самиот крај беше утешниот погодок на Мерино, премалку за да се избегне пораз во пресметката со избраниците на Зинедин Зидан.

Се вчитува...