Реал се „лизна“ со Валенсија: Асенсио погодуваше, Бензема промашуваше

Серијата победи на Реал Мадрид беше прекината вечерва откако актуелниот првак на Шпанија одигра само 2-2 на домашен терен против Валенсија. Ослабен со неиграњето на Рамос и на Варан во одбраната, како и без суспендираниот Роналдо во нападот, „кралскиот клуб“ беше предводен од младиот Асенсио кој ги постигна двата погодоци. Тој сепак ја немаше соодветната помош од Бензема, кој со неколкуте промашени зицери дефинитивно е главен трагичар на денешниот дуел.

Уште од самиот почеток стана јасно дека дуелот ќе изобилува со шанси, откако Валенсија покажа дека не е дојдена во Мадрид за да се брани. Асенсио прв го отвори резултатот по десетина минути игра, откако одлично украде една топка на триесетина метри, истрча до работ на шеснаесетникот, а потоа мајсторски ја пласираше топката. Гостите само осум минути подоцна израмнија преку Солер, по што актуелниот првак до крајот на полувремето не искористи неколку извонредни шанси преку Бензема и Иско.

Францускиот голгетер продолжи со промашувањата и во второто полувреме, а казната стигна откако Кондогбија одлично натрча на една повратна топка и го матираше Навас. И повторно кога беше најважно блесна Асенсио, овојпат со прецизно изведен слободен удар израмнувајќи на 2-2.

Карим Бензема беше во главна лога во самата завршница, најпрвин во 87. минута промашувајќи неверојатен зицер од пет-шест метри, за потоа во судиското продолжение неговиот удар со глава заврши во гредата. Валенсија имаше стопроцентна шанса во 94. минута по извонредно организиран контранапад, но Заза беше пресебичен, па гостите освоија само еден, иако можеа и до три бода на „Сантијаго Бернабеу“.

All Goals – Real Madrid 2-2 Valencia 27.08.2017 by livegoalsfootball

Се вчитува...