Реал се врати од нокаутот и ја освои Атина

Реал Мадрид извојува голема победа на гостувањето против Панатинаикос (82-89), израмнувајќи на 1-1 во победи во пресрет на двете средби што „кралевите“ наредната недела ќе ги играат пред своите гледачи. Шпанскиот гигант заслужува само пофалби за начинот на кој се врати во серијата, откако пред два дена загуби со преубедливи 95-67, за денеска да одигра одличен офанзивен меч и да стигне до огромна гостинска победа во оваа четвртфинална серија.

ПАО тргна фуриозно и на вечерашниот дуел, па „зелените“ во првата четвртина имаа предност од 15-7. Реал за разлика од првиот меч овојпат не се распадна во играта, одолеа на почетниот притисок и потоа се врати во ритамот што го посакуваше тренерот Ласо. Како клучна се покажа третата четвртина што гостите од Шпанија ја добија со 21-32, а потоа Лука Дончиќ ја имаше клучната украдена топка на една минута до крајот, спречувајќи целосен камбек на домашната екипа.

Ветеранот Рејес беше во главна улога со 18 поени, Керол постигна 17 за Реал, додека Лука Дончиќ реализираше седум поени, сите седум од линијата за слободни фрлања. Кај Панатинаикос најефикасни вечерва беа Џејмс со 20 и Пејн со 13 поени.

Се вчитува...