Реал Сосиедад без шестмина повредени доаѓа во Скопје

Реал Сосиедад ќе биде значително ослабен за претстојното гостување во Скопје против екипата на Вардар, во рамките од третото коло од Лигата на Европа. Тренерот Еузебио Сакристан денеска го објави списокот од 20 фудбалери кои ќе патуваат во Македонија, а на истиот не се најдоа шестмина првотимци кои не се во можност да му помогнат на баскијскиот клуб против скопските „црвено-црни“.

Карлос Мартинез, кој важи за еден од клучните дефанзивци во тимот на Реал, воопшто нема да дојде во Скопје заедно со Одриозола, но добра вест за тимот од Сан Себастијан е враќањето на Ињиго Мартинез, кој ги пропушти претходните средби поради повреда.

Зурутуза, кој вообичаено е стандарден во првиот тим на Сакристан, исто така не се најде на списокот на патници за Скопје, заедно со Гориди. Ослабен ќе биде и нападот, каде ќе недостигаат Хуанми и Агирече.

Во секој случај, Реал Сосиедад доаѓа со доволно квалитетен состав за да биде предизвик за Вардар, со оглед на фактот дека баскијскиот клуб ќе биде предводен од двајцата поранешни играчи на Реал Мадрид, Илјараменди и Каналес, но и Јанузај и Вела во нападот.

Се вчитува...