Реал Сосиедад го отпушти Гаритано

Асиер Гаритано од денеска повеќе не е тренер на Реал Сосиедад откако челниците на баскискиот клуб решија да го раскинат договорот со овој стратег, по серијата слаби игри на тимот од Сан Себастијан во Примера дивизион.

Реал во краткото клупско соопштение му се заблагодари на тренерот „за посветеноста и професионализмот“, посакувајќи му на Гаритано многу среќа во иднина. За нов тренер е именуван Иманол Алгуасил, кој привремено беше кормилар и на крајот од ланската сезона на местото на Еузебио. Екипата на Реал Сосиедад моментно се наоѓа на 15. место на табелата со пет победи, четири реми и осум порази. Особено очајно делува домашната форма, ако се знае дека овој тим сезонава забележа само една победа во Сан Себастијан.

Гаритано е шестиот тренер што добива отказ во „Ла Лига“, откако претходно истата судбина ја имаа и Лопетеги (Реал Мадрид), Мохамед (Селта), Лео Франко (Хуеска), Калјеха (Вилјареал) и Беризо (Атлетик Билбао).

Се вчитува...