Реал во зимска офанзива по Набил Фекир

Реал Мадрид е рамо до рамо со Барселона во трката за титулата во „Ла Лига“, но на Флорентино Перез му е јасно дека ќе мора да доведе квалитетно засилување за „кралевите“ да можат да го издржат пеколното темпо што го очекува актуелниот европски првак сезонава. Првиот човек на Реал има и план, па сака веќе во јануари да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“ Набил Фекир, за чиј трансфер веќе има издвоено и 50 милиони евра (половина од сумата што ја доби од продажбата на Кристијано Роналдо).

Фекир е универзален офанзивен фудбалер кој може да се снајде на неколку различни позиции, почнувајќи ја во добра форма и новата сезона, постигнувајќи прекрасен погодок на гостувањето против Манчестер сити. Во таборот на Реал се убедени дека тој би претставувал голем „плус“ во играта на „кралевите“, а фактот дека Лион е подготвен за преговори го прави францускиот репрезентативец достапен за трансфер.

Останува во наредните месеци само да се види здравствената состојба на Фекир, со оглед на фактот дека Ливерпул имаше договорен трансфер со Лион, но се откажа во последен момент поради сомнежи на оваа тема по деталните лекарски прегледи врз фудбалерот. Доколку трансферот во Мадрид се реализира, нема сомнеж дека Реал ќе добие врвен фудбалер со што уште повеќе би се зголемила офанзивната моќ на актуелниот европски првак.

Се вчитува...