Министерството за спорт успешно реализира уште еден проект од програмата за изградба и обнова на спортската инфраструктура. Велес доби современа атлетска патека според ИААФ стандарди со што во рекорден рок е исполнето ветувањето на министерот Борко Ристовски пред велешките спортисти и спортски работници кои со децении водеа битка за зачувување и реконструкција на овој значаен спортски објект.
Министерот Борко Ристовски заедно со градоначалникот Марко Колев и со најдобриот македонски маратонец, Дарио Ивановски, денеска официјално ја пуштија во употреба комплетно реконструираната атлетска патека на градскиот стадион во Велес која е направена според највисоки ИААФ стандарди и нуди најсовремени услови за тренинг и натпревари.
Ветувањата имаат тежина само ако ги исполнуваме, порача министерот Ристовски, изразувајќи задоволство од брзата и успешна реализација на овој капитален проект на Министерството за спорт.
„Драго ми е што излеговме во пресрет на барањата на велешани и што го исполнивме ветувањето. Оваа атлетска патека комплетно ја реконструиравме во рекордно време, почнавме кон средината на април и за два месеци патеката е готова. Ние како Министерство за спорт и како Влада ќе се трудиме секогаш да помагаме таму каде што барањата соодветствуваат на нашите можности. Најважно од сѐ е дека отпочнавме еден капитален бум низ целата држава. Вакви проекти реализираме низ целата држава и ова не е важно само од спортски аспект, важно е и за рекреирање, важно е и за социјалниот живот и за градење на вредности кои како Министерство за спорт сакаме да ги промовираме, особено меѓу младите“, истакна Ристовски.
Вкупната вредност на проектот финансиран од Министерството за спорт, изнесува 19.290.000 денари, а со реконструкцијата која беше почната во април годинава, отстранет е стариот тартан, извршено е тампонирање, асфалтирање и поставена е нова еластична спортска подлога со ИААФ сертификат.
Атлетската патека е со вкупна квадратура од 4700 м2. Од вкупната површина, 3900 м2 е подлога на кружната атлетска патека, а 800 м2 е подлога во просторот позади голот која е наменета за други атлетски дисциплини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
