Пепе Реина е главен фаворит да го наследи Џиџо Донарума на голот на Милан, откако раководството на „росонерите“ ја стартуваше потрагата по нов чувар на мрежата. Јасно е дека Милан нема да може да го задржи Донарума на својот гол за наредната сезона, со оглед на клаузулата од 50 милиони евра што го прави достапен доколку „росонерите“ не обезбедат излез во Лигата на шампионите, но и крајно нарушените односи со клупската управа и со навивачите.
„Росонерите“ ќе бараат краткотрајно решение во искусен голман, а Реина одлично се вклопува во овој профил. Тој е идеален и поради фактот што е достапен без никаква отштета, договорот на Шпанецот со Наполи истекува на крајот од сезонава и „наполитанците“ немаат намера да го продолжат, а Милан му нуди на Реина исполнување на желбата – останување во Италија уште најмалку една година.
Тој при првичниот контакт изразил подготвеност за преселба на „Сан Сиро“, но само доколку Донарума претходно си замине, па Реина да го има првотимскиот статус и во новиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА