Рекорден седми пат: Ѓоковиќ „крунисан“ во Торино

Новак Ѓоковиќ не престанува да руши рекорди, а овој пат Србинот по седми пат во кариерата го подигна пехарот наменет за најдобриот тенисер на крајот на годината.

Српската ѕвезда по победата над Каспер Руда во првото коло на завршниот Мастерс трофејот го прими од претседателот на АТП, Андреа Гауденци.

„Најтешкото нешто во нашиот спорт е да ја завршиме годината како број еден. Треба да бидете постојани, успешни на сите турнири. Ова е трофеј за моето семејство, мојот тим, благодарен сум на сите“, изјави Новак.

Ѓоковиќ ја заврши годината на врвот на АТП листата по рекорден седми пат. Со тоа го надмина настапот на својот идол Пит Сампрас.

„Имав четири или пет години кога Сампрас за прв пат играше на Вимблдон. Побарав рекет и веднаш се заљубив во тенисот. Да бидам свесен дека сега го држам рекордот и дека сум пред Пит, тоа е неверојатно“, додаде Ѓоковиќ.

 

 

 

Се вчитува...