Рекорден трансфер на повидок: Миовски во јануари се сели во Селтик

Бојан Миовски е многу блиску до трансфер во Селтик во јануарскиот преоден рок, откако Брендан Роџерс го потенцирал Македонецот како своја главна желба за почетокот на 2024 година.

Нашиот репрезентативен голгетер и сезонава игра во одлична форма во дресот на Абердин. Раководството на Селтик било импресионирано од Миовски по ланската дебитантска сезона во Шкотска во која постигна 18 гола, па Роџерс испраќал скаути да го следат секој меч на Абердин и да поднесуваат извештаи за настапот на нашиот интернационалец.

Поголемиот дел од овие извештаи биле крајно позитивни, доволна причина за Селтик да се активира и да тргне во офанзива за веќе во јануари да го осигура потписот на Миовски.

Абердин не сака ни да чуе за разделба од најдобриот стрелец во екипата, но во Селтик се убедени дека со висока понуда ќе го убедат ривалот на целосен договор за овој трансфер. Како што најавуваат шкотските медиуми, преселбата на Миовски во Селтик ќе биде највисок трансфер во историјата меѓу два шкотски клуба, уривајќи го рекордот од 4,4 милиони фунти од 2007 година, кога Селтик ја исплати оваа сума на Хибернијанс за Скот Браун.

Ако се знае дека Абердин го доведе Миовски за сума од 650.000 фунти, јасно е дека шкотскиот тим добро ќе заработи од продажбата на Македонецот.

Се вчитува...